Македонската и грчката царина ќе разменуваат податоци

Сподели со своите пријатели

Денес, во рамките на Форумот за конективност што се одржа во Солун, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и гувернерот на Независната управа за управување со јавни приходи Џорџ Ј. Пицилис, потпишаа Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините од двете земји. Потпишувањето на овој Меморандум е од голема важност за олеснување на транспортот и трговијата од ЦЕФТА страните кон Република Грција, и отвора можности за понатамошно проширување на Зелените коридори кон ЕУ.

Loading...

„Особено задоволство ми претставува тоа што токму во годината кога Царинската управа одбележува 30 години од постоењето како независна служба, сме дел од овој историски настан и потпишуваме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу нашите две институции. Во овој момент, потпишувањето на овој Меморандум значи воспоставување на прв Зелен коридор на граничен премин со соседна земја членка на Европска Унија, користејќи ја SEED платформата за размена на податоци на ЦЕФТА, и со визија за проширување на оваа иницијатива во иднина. Воспоставувањето на Зелени коридори како регионална активност, за прв пат беше спроведена во април 2020 година на почетокот на пандемијата, во рамки на ЦЕФТА регионот. Денес, ова позитивно искуство го прошируваме и на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу двете земји и дел од Пан – европскиот Коридор 10. Продолжуваме со оваа иницијатива, и за брзо време очекуваме да ги разгледаме можностите за проширување на соработката и со Република Бугарија“, изјави Славица Кутиров, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Македонија загуби од Франција (ГАЛЕРИЈА)

Џорџ Ј. Пицилис истакна дека: „Зелените коридори имаат големо значење не само за поширока трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и генерално за царинската соработка. Царинската служба на Република Грција учествува во спроведувањето на иницијативата за воспоставување на Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Република Северна Македонија, за електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони-Богородица, сакаме да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на недозволена трговија. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и проширување на соработката со другите соседни земји, во целосна согласност со царинското законодавство на ЕУ.“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Македонија загуби од Франција (ГАЛЕРИЈА)

Форумот беше организиран од страна на Министерството за надворешни работи на Република Грција, со поддршка на ЦЕФТА Секретаријатот, Меѓународната транспортна заедница и Европската комисија, а присуствуваа високи претставници од министерствата за транспорт и врски, надворешни работи и Царинските управи на ЦЕФТА страните (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија) и земјите-членки на Европска Унија: Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Хрватска.

Воспоставувањето на Зелените коридори во рамките на Западен Балкан е еден од најуспешните примери за регионална соработка. За досегашните искуства, начинот на ефикасно спроведување на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, а особено за промоција и проширување на Зелените коридори, во рамки на форумот се одржаа и билатерални средби на ЦЕФТА земјите со соседните земји-членки на ЕУ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Македонија загуби од Франција (ГАЛЕРИЈА)