Македонија годинава ќе одбележи 29 години од својата самостојност и независност.
На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?
По тој повод, Владата утре од 10 часот на отворено ќе ја организира централната прослава по повод 29 години од прогласувањето на независноста и самостојноста на државата, на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев.
Свеченоста ќе се одржи во посебни услови согласно со здравствениот протокол на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.
Пред централната прослава по повод 8 Септември – Ден на независноста, владина делегација во 8 часот ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробиштата „Бутел“.
Делегацијата ќе ја предводи премиерот Заев и во неа ќе бидат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот задолжен за борба со корупција и криминал Љупчо Николовски и министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска.
Осми септември (вторник), Денот на независноста е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Никола Ивановски