Македонија меѓу земјите кои се најзагрозени ако прекине рускиот гас

Сподели со своите пријатели

Податоците на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на Европската унија покажуваат кои земји би биле најзагрозени доколку се прекине испораката на руски гас.

Како што се зголемуваат тензиите на границата меѓу Украина и Русија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија разгледуваат начини за снабдување со гас на Европа во случај на ескалација и одлука на Русија да ги исклучи вентилите ширум континентот.

Русија ја снабдува Европа со една третина од гасот што го користи.

Евентуалните американски санкции поради можен конфликт би можеле да го нарушат тоа снабдување и да предизвикаат енергетска криза во Европа.

Податоците на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на Европската унија покажуваат кои земји би биле најзагрозени доколку се прекине испораката на руски гас.

Од големите европски економии, најголемата, Германија, која увезува половина од потребите за гас од Русија, би била најтешко погодена.

Италија исто така би била во тешка позиција поради 46 отсто потпирање на рускиот гас, пренесува Ал Џезира Балканс.

Франција е во многу полесна ситуација, бидејќи најголемиот дел од гасот го добива од Норвешка, додека четвртина увезува од Русија.

Британија го црпи најголемиот дел од својот гас од домашни извори, додека остатокот го компензира со увоз од Норвешка и Катар. Шпанија најмногу испорачува гас од Алжир и САД.

Целосна зависност

Земјите од Источна Европа се во многу потешка позиција. Финска и Летонија зависат од гас од Русија над 90 отсто, додека Естонија, Бугарија и Словачка увезуваат повеќе од 70 отсто од нивните потреби за оваа енергија.

Босна и Херцеговина и Македонија немаат друг извор на снабдување, додека, според последните податоци, Србија увезува 89 отсто, а Хрватска 68 отсто од потребите.