Мајкрософт им се придружи на другите технолошки гиганти во санкционирањето на руските државни медиуми.
Овие мерки, велат тие, имаат за цел да го спречат ширењето на лажни вести и неточни информации за ситуацијата во Украина.
Мајкрософт најави дека ќе ги отстрани апликациите на руските медиумски куќи Russia Today (RT) и Sputnik од своите дигитални продавници, како и дека ќе забрани рекламирање на медиуми под руска државна контрола.
Тие ја осудија руската инвазија на Украина и ја нарекоа трагична, нелегална и неоправдана.
Компанијата истакна дека, со цел да се спречи ескалација на сајбер активностите против дигиталната инфраструктура на Украина, ќе ги сподели сите релевантни и неопходни информации со претставниците на НАТО во Брисел и Вашингтон.
Технолошкиот гигант ќе работи и со влади ширум светот, вклучително и со украинската влада, Европската унија и други европски влади, како и со САД.
Претседателот на Мајкрософт, Бред Смит, во изјавата рече дека компанијата внимателно ја следи трагичната, нелегална и неоправдана руска инвазија на Украина.
Тој додава дека тимовите на компанијата првенствено се фокусирани на заштита на корисниците од дезинформации и лажни вести спонзорирани од Русија.
Според тоа, компанијата ги донесе следните одлуки:
– Апликациите на руските медиумски куќи РТ и Спутник ќе бидат отстранети од сите дигитални продавници
– Платформите на компанијата нема да прикажуваат никаква содржина на RT и Sputnik
– Споменатите медиуми ќе се спуштат на дното на пребарувањето и ќе им се укине рангирањето
– Рекламирањето под руска државна контрола ќе биде забрането низ рекламната мрежа на Мајкрософт
– Во иднина овие медиуми нема да смеат да монетизираат содржини, како и да заработуваат со помош на алатките на Microsoft.
Од компанијата додаваат дека секојдневно ги следат настаните и ги прилагодуваат механизмите за откривање лажни вести и спречување на нивното ширење. Целта на компанијата, велат тие, е да промовира независни и веродостојни вести и содржини.
Мајкрософт не е единствениот. Фејсбук, Гугл и други технолошки гиганти исто така презедоа чекори за да спречат дезинформации.
Најавена е и хуманитарна помош за цивилното население во Украина. Помошта е наменета за поединци и семејства кои се наоѓаат во прифатилишта, како и лица кои во страв ја напуштиле земјата.