Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ја пофали „храбрата и јасна“ позиција на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој одлучи да не присуствува на Самитот на Америка оваа недела во Лос Анџелес.
Мадуро рече дека одлуката на Вашингтон да не го покани него, но и лидерите на Куба и Никарагва на средбата е чин на дискриминација и дека американската влада на тој начин „обезбедила“ самитот да не успее.
Мексиканскиот претседател Лопез Обрадор во понеделникот најави дека нема да присуствува на американскиот самит оваа недела во Лос Анџелес, бидејќи не се поканети сите земји од регионот, но најави дека во јули ќе го посети претседателот Џозеф Бајден.
Тој им рече на новинарите дека наместо тоа, на самитот ќе присуствува министерот за надворешни работи Марсело Ебрард, пренесе Танјуг.
Администрацијата на Бајден одлучи да ги исклучи владите на Куба, Венецуела и Никарагва од самитот, изјави претходно претставник на Белата куќа, а мексиканскиот претседател е еден од неколкуте лидери кои се заканија дека нема да присуствуваат ако не бидат поканети сите земји.
Мексиканскиот претседател нагласи дека политиката на „исклучување“ наметната со „векови“ треба да се промени, критикувајќи ја, како што рече, неоправданата желба за „доминација“ и најави дека следниот месец ќе го посети Бајден во Вашингтон.