Луксузни хотели во Женева пред пропаст

Сподели со своите пријатели

Ролетните на прозорците на женевскиот „Ричмонт“ се спуштени од јули, откако овој хотел со пет ѕвезди, кој во вообичаени околности е полн, остана без богатите гости поради коронавирусот.

Loading...

По „катастрофалното лето“, и другите луксузни хотели во Женева, градот што може да се пофали со најмногу хотели по глава на жител во светот, се борат да избегнат слична судбина.

– Ние како професија сме на одделот за интензивна нега и сме животно загрозени, вели Тиери Лавали, претседател на Здружението на хотелиери во Женева и управител на хотелот „Фермонт Гранд“.

Пред пандемијата, хотелите во Женева рушеа рекорди. Градот, кој под нормални околности е преполн со дипломати и деловни луѓе, во 2019 година оствари 3,2 милиони ноќевања. – А сега нè погоди економско цунами, вели Лавали.

Како 1954 година

Швајцарија, земја со 50.000 заразени со коронавирус и 1.800 смртни случаи, избегна строги карантински мерки како што воведоа други држави, но ограничувањата за патувања и откажувањето бројни конференции и состаноци го зедоа својот данок.

До крајот на јули, во Женева се регистрирани само 693.000 ноќевања, а до крајот на годината тој број не се очекува да надмине 1,3 милиони. За толку ниско ниво на посетеност треба да се вратиме во 1954 година кога во градот немаше ниту половина хотели како денес.

Хотелите се во криза низ цела Европа, но никаде не се чувствува како во Женева, каде три четвртини од гостите се луѓе кои доаѓаат на деловни конгреси и семинари или се поврзани со помали или поголеми состаноци организирани од ООН и други меѓународни организации.

Loading...

 

 

„Сега нема конгрес, нема деловен туризам, а ОН едвај се „движи “. Тоа ја прави Женева најпогодениот град во Швајцарија“, објаснува Лавали.

Со 126 хотели и 10.000 соби, Женева може да се пофали со најголемата „хотелска густина“ во светот, односно односот на соби и жители.

Ако ништо не се направи, многу хотели ќе завршат како „Ричмонт“, кој мораше да се затвори по 145 години работа, вели Лавали.

Дното на дупката

Во меѓувреме, страдаат и соседните градови кои профитираат од близината на Женева. Во Лозана, околу 60 километри по Женевското езеро, најмалку еден хотел ќе пропадне следниот месец, рече Стефано Брунети-Имфелд, претседател на Здружението на хотелиери во градот.

Loading...

Градот е центар на повеќе од 50 меѓународни спортски федерации и седиште на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), така што има и свои проблеми независно од Женева.

„Сите овие луѓе остануваат дома, не доаѓаат на работа, не патуваат или не носат други луѓе“, додава Брунети-Имфелд, чие семејство управува со хотелот „Де Ла Паикс“ во центарот на градот од 1954 година.

Поради ваквата состојба, сопствениците на хотели во Женева и околните области бараат од швајцарската Влада да формира фонд кој ќе им помогне да ги покријат своите загуби и да останат „во живот“ додека заврши пандемијата. Тие исто така сакаат подобар баланс меѓу здравствените и економските интереси.

Секоја рестрикција и секое ограничување има разорно влијание врз бројот на хотелски ноќевања, рече Брунети-Имфелд, посочувајќи на неодамнешната одлука поголемиот дел од Франција, вклучително и Париз, да се стави на црвената листа на Швајцарија.

Лавали истакнува дека е потребно да се најде „средина“ меѓу здравствените и економските интереси за да се „излезе од дното на оваа дупка“.

Пандорка Арсовска-Гацова

Leave a Reply