Белорускиот претседател Александар Лукашенко денес во Минск се сретна со претставникот на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џон Кол, со кого разговараше за односите меѓу двете земји, вклучувајќи ги и економските интереси.
На средбата, Лукашенко изрази благодарност за фактот што американскиот претседател Доналд Трамп вложува огромни мировни напори, оценувајќи дека ниту еден американски претседател досега не презел такво нешто, пренесува агенцијата Белта.
„Му благодарам на вашиот претседател за напорот што го вложува во мирот, особено во нашиот регион. Тој ги запре шест или седум војни или конфликти, го кажувам ова како историчар и претседател кој работи долго време. Ниту еден американски претседател не вложил толку многу труд за да донесе мир на планетата“, рече Лукашенко, според Танјуг.
Тој ја нагласи важноста САД да продолжат да дејствуваат во оваа насока.
„Како што јас го гледам, главната работа е Доналд, и покрај неговиот експлозивен карактер, да не се олади по ова прашање. Вие Американците мора да го одржите трендот што го поставивте во врска со мировните договори, особено тука во регионот, во конфликтот меѓу Русија и Украина“, рече белорускиот претседател.
Лукашенко изрази подготвеност да разговара со Трамп за прашањето на политичките затвореници во Белорусија.
„Ние не криеме ништо тука, ајде да разговараме за ова прашање, иако не е најважно за мене, а веројатно ниту за вас. Има доволно проблеми во светот“, рече Лукашенко, додавајќи дека е очигледно дека Трамп е загрижен за ова прашање.
Тој истакна дека е важно затоа што и Европа сака да се вклучи во таа тема.
„Сите во Белорусија го знаат мојот став. Ние апсолутно не сме за тоа овие луѓе да бидат во казнени колонии. Покрај тоа, тие не беа осудени за политика. Немаме такви членови во Кривичниот законик. Ако Доналд е заинтересиран, можеме да му ја претставиме суштината на прекршоците и злосторствата на секоја личност“, рече Лукашенко.
Денес, Белорусија ослободи 52 затвореници од различни националности, кои потоа заминаа за Литванија заедно со американската делегација која преговараше за нивно ослободување.
Претставникот на Трамп, Кол, рече дека САД ги укинале санкциите врз белоруската државна авиокомпанија Белавија.