Локализиран пожар на грчкиот остров Кос

Сподели со своите пријатели

Пожарот на грчкиот остров Кос е локализиран по дводневни борби, а стотици туристи и локални жители од областа Кардамаин, кои беа принудени да се евакуираат, почнаа да се враќаат во своите хотели и домови.

Loading...

Грчкото Министерство за туризам соопшти дека општина Кос брзо и безбедно ги евакуирала посетителите кои престојувале во хотелите во близина на пожарот на безбедни локации и дека со помош на локалните власти им била укажана сета потребна помош.

Соопштено е и дека итната помош реагирала навремено за гаснење на пожарот, како и дека службата за цивилна заштита 112 испратила предупредувачки пораки до сите мобилни телефони во околината и ги информирала посетителите и жителите за опасноста.

Гувернерот на Додеканез, Христос Ефстрациу, тогаш изјави дека туристите и локалните жители биле евакуирани во спортски центар и неколку други објекти на островот.

Во гаснењето на пожарот на Кос учествувале повеќе од 100 пожарникари кои со помош на хеликоптер спречиле пожарот да се прошири понатаму.

Инаку, на блискиот остров Хиос, повеќе од 170 пожарникари со помош на 36 возила и 10 авиони се обидуваат да стават под контрола уште еден пожар што избувна во понеделникот попладне.

„Се чини дека ситуацијата е подобрена на двата фронта“, изјави претставник на противпожарната бригада.

Премиерот Киријакос Мицотакис оваа недела предупреди на опасност од шумски пожари по долготрајната суша и невообичаено силните ветрови за оваа сезона, јави Танјуг.

Loading...

Минатата година во шумските пожари на северот на земјата загинаа 20 лица, а 19.000 луѓе беа принудени да го напуштат островот Родос.

Оттогаш, Грција сè повеќе користи беспилотни летала за рано откривање пожари, со планови за зголемување на флотата на беспилотни авиони на 35 системи и бројот на обучени оператори со беспилотни летала од 104 на 139.