Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Куманово одржа состанок со угостителите, туристичките работници и занаетчиите, на кој се разговараше за подготовката на програмите за 2026 година и новите мерки што ќе ги поддржи Министерството.
„Денеска сум овде присутен на нивно барање, бидејќи знаете сме новоформирано Министерство за култура и туризам, го опфаќаме и туризмот во нашиот голем ресор,“ изјави Љутков.
Тој нагласи дека во новата програма за 2026 година ќе се воведе годишен конкурс и за поддршка на туристички проекти.
„Во 2026-та година ги правиме програмите, освен што ќе имаме поддршка на годишниот конкурс на поддршка на проекти во културата, ќе имаме годишен конкурс и за поддршка на проектите во делот на туризмот. Па беше добро да ги слушнеме нивните барања, бидејќи знаете дека културниот туризам е еден од најразвиените во светот, па така ќе биде и во Македонија,“ рече министерот.
Тој додаде дека во рамки на новите програми ќе се развива и транзитниот туризам.
„И она што е важно, од 2026-та година го внесуваме и транзитниот туризам. Веќе правиме голема подготовка, имаме направено работни групи. Куманово е првата порта на тој транзитен туризам. Така да најважно е што ќе направиме овде во Куманово, да ги слушнеме нивните барања. Имавме конкретни предлози, конкретни идеи, им кажавме кои се нашите можности, ќе се вклучат во целиот овој процес до крајот на годината за да можеме да ги направиме конкретните програми за 26-та година,“ нагласи Љутков.
Министерот додаде дека на средбата присуствувал и директорот на Државниот пазарен инспекторат и дека се подготвува формирање на туристичка инспекција.
„Тука беше и директорот на Државниот пазарен инспекторат којшто исто така се вклучи во овој процес, бидејќи планираме од наредната година да формираме и туристичка инспекција која што ќе биде во склоп на Државниот пазарен инспекторат,“ рече тој.
Тој ги пофали идеите на угостителите и туристичките работници, по што се осврна и на дел од прашањата поврзани со новиот закон за угостителска дејност.
„Еден дел од прашањата беа упатени конкретно во измените на Законот за угостителска дејност, бидејќи се носи нов закон за угостителска дејност. Тука беа конкретните прашања што ги засегаат угостителите, бидејќи знаете дека во угостителството сè уште не е под Министерството за култура и туризам. Се надевам дека тоа ќе го направиме до крајот на годината,“ изјави министерот.
Тој појасни дека Министерството работи на обемна апликација за транзитен туризам, која ќе ги поврзе сите засегнати институции и сектори.
„Ние работиме на една пообемна апликација за транзитен туризам кај што се вклучени поголем број чинители. Тука е вклучена и царината, тука е вклучено и МВР, вклучено е Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, бидејќи сите сме вклучени во овој процес да го олесниме тој коридор Е-75,“ изјави Љутков, додавајќи дека во апликацијата ќе бидат вклучени „туристичките агенции, културно-историските споменици, археолошките локалитети, сите винарии, но и сите угостители коишто имаат и ресторани, но и сместувачки капацитети“.
На состанокот било отворено и прашањето за инфраструктурата на археолошкиот локалитет Кокино.
„Го отворивме и горливото прашање со Кокино, бидејќи таму нема добра инфраструктура, нема осветлување, но а е под општината Старо Нагоричане. Ќе треба директно да се зборува таму со локалната самоуправа и да донесеме едно заедничко решение. Ако не може тука да помогне локалната самоуправа, се разбира дека целиот тој процес ќе го преземаме ние како Министерство,“ рече министерот Љутков.
Никола Ивановски