Литванија побара од Меѓународниот суд на правдата да пресуди дека Белорусија ги прекршила своите меѓународни обврски со наводно организирање на шверцување мигранти на литванска територија и да му додели отштета на Вилнус, објави Бета.
Министерството за надворешни работи во Вилнус објави дека Литванија поднесе тужба против Белорусија до Судот во Хаг за кршење на своите обврски според Протоколот на Обединетите нации против криумчарење мигранти по копно, море и воздух.
Литванските власти соопштија дека доказите што ги собрале ја потврдуваат директната вмешаност на Белорусија во организирањето на мигрантските текови, вклучително и зголемувањето на бројот на летови од Блискиот Исток и други локации од страна на белоруски државни претпријатија.
Се вели дека белоруските безбедносни сили придружувале многу мигранти до литванската граница по пристигнувањето во Белорусија и ги принудиле нелегално да ја преминат.
Додадено е дека граничните служби на Белорусија одбиле да соработуваат со Литванија за да се спречат нелегалните преминувања.
Министерството за надворешни работи на Литванија објави дека Вилнус бара од Меѓународниот суд на правдата да ја смета Белорусија за одговорна според меѓународното право за прекршување на Протоколот за шверц со мигранти.
Барањето на Литванија вклучува целосна компензација за предизвиканата штета, вклучувајќи ги и трошоците за зајакнување на границата, за кои тие не дадоа бројка.
Литванија, која посочи на прилив на мигранти уште во 2021 година, изјави дека одлучила да го преземе овој чекор бидејќи билатералните преговори не доведоа до решение на спорот.