Лидерите на ЕУ повикаа на пауза во војната и отворање на хуманитарни коридори во Појасот Газа

Сподели со своите пријатели

Во декларацијата усвоена на самитот во Брисел, лидерите на Европската унија повикаа на „паузи“ во непријателствата на Израел и Хамас и отворање на хуманитарни коридори, за да може итно потребната помош да биде доставена до Појасот Газа.

Loading...

Тие изразија „најсериозна загриженост“ поради влошувањето на хуманитарната ситуација во палестинската енклава.

Лидерите на ЕУ повикаа на „континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап“ и помош за да се дојде до оние на кои им е потребна „преку сите неопходни мерки, вклучувајќи хуманитарни коридори и хуманитарни паузи“.

Тие ја повторија својата осуда на нападот на Хамас „на најсилен можен начин“ и го истакнаа правото на Израел да се брани „во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право“, пренесува Ројтерс.

Тие го повторија повикот до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници „без никакви предуслови“.

– Европската унија тесно ќе соработува со партнерите во регионот за да ги заштити цивилите, да обезбеди помош и да го олесни пристапот до храна, вода, медицинска нега, гориво и засолништа, како и да обезбеди таквата помош да не биде злоупотребена од терористичките организации – се вели во декларацијата.

Самитот е прв состанок на лидерите на ЕУ откако палестинската милитантна група Хамас започна напад на израелска територија на 7 октомври, што го натера Израел да возврати со ракети и блокада на Појасот Газа.