Либан најави дека планира да врати десетици илјади бегалци во Сирија и покрај противењето на Обединетите нации.
„Ние сме сериозни во врска со спроведувањето на овој план и се надеваме дека ќе го сториме тоа во наредните месеци“, рече вршителот на должноста министер за бегалци на Либан, Исам Шарафедин, пренесува Бета, повикувајќи се на АП.
Според планот на Владата на Либан, земјата месечно ќе враќа 15.000 бегалци во Сирија.
УНХЦР за безбедно и достоинствено враќање
Во Либан моментално има повеќе од милион Сиријци, кои ја напуштиле својата земја поради десетгодишниот конфликт.
Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) се спротивставува на планот на либанската влада за репатријација без согласност и наведува дека тоа би ги ставило бегалците во опасност.
„УНХЦР продолжува да ја повикува Владата на Либан да го почитува основното право на сите бегалци на доброволно, безбедно и достоинствено враќање“, се вели во соопштението.