„Столпчињата со кои општината одлучила да го решава проблемот на паркирање на автомобили на пешачки и велосипедски зони, не е никакво долготрајно ниту одржливо решение решение“, велат од локалниот огранок на Левица Куманово.
Проблемот со недостатокот на паркинг простор според партијата, произлегува од непланското развивање и градење на градот.
– Ова е лесно да се покаже со пример, Општината во минатото, а и сега, без задршка дава одобренија за градба на објекти без притоа да се мисли за обезбедување на соодветен паркинг простор за тие објекти, а уште помалку да се мисли за проширување на самите улици, тротоари и велосипедските патеки во тесните градски зони, напротив зградите се градат до самиот раб на коловозот, без никаква можност за понатамошно ширење на просторот и оставање на можност за поставување на велосипедски патеки и други содржини. Лесно е воочлива разликата помеѓу новоизградените објекти и оние градени пред повеќе од 30 години, на пример во населбата Гоце Делчев и на булеварот „Октомвриска револуција“ постарите станбени згради не само што имаат огромен паркинг простор, туку имаат и пешачки патеки, игралишта и простори за рекреација, за разлика од нив, кај ново изградените станбени објекти, сите овие нешта се занемаруваат, односно се оди максимализација во создавање на станбени квадрати, без да се води сметка за другите потреби на граѓаните како паркинг, рекреација, ширење на градот, стои во писмената реакција на Левица.
Според Левица, единствен принцип по кој се гради во Куманово е стварување максимален профит, а цената на тоа, како што додаваат, е Куманово кое е згуснато, пренатрупано, валкано, без паркови и велосипедски патеки и тесни тротоари на кои најчесто се паркирани возила.
– Проблемот со паркирањето на тротоар/велосипедска само ја откри трулоста и неодговорноста на „урбанистите“ во Куманово. Овие недостатоци и аномалии е многу тешко сега да се решат, особено нема да се решат со поставување на некакви столпчиња. Потребни се многу порадикални и смели решенија со цел Куманово да почне да заличува на нешто како добро осмислена урбана целина. За почеток би било промена на праксата на издавање на градежни дозволи за секој којшто ќе може да плати, а исто така е потребно и општинските „урбанисти“ и советниците да се повикаат на одговорност за хаосот и катастрофата во којашто го претворија Куманово како град, додаваат од локалниот огранок на Левица.
Од таму порачуваат дека треба да се стави крај на изградба на чиста профитна дејност и да се зема предви и хуманистичкиот аспект, преку водење сметка за потребите на граѓаните.