Припадниците на радикалната еврејска заедница „Лев Тахор“ во текот на денешниот ден го напуштаат Куманово и Македонија.
Според неофицијални извори трисетината членови, меѓу кои и повеќе деца, со полициска асистенција се носат на Меѓународниот аеродром Скопје од каде ќе заминат за Албанија.
Заедницата не беше прифатена од локалното население во Куманово, кое беше исплашено поради начин на живот, но и облекувањето на оваа група луѓе кои во Македонија пристигнаа од Босна и Херцеговина.
Припадници на „Лев Тахор“ во Куманово, полицијата вели не се опасни (ВИДЕО)
Откако два дена мирно и спокојно живееја во населбата Зелен рид во Куманово, оваа група луѓе наиде на голема омраза од локалното население, а снимки од нив станаа вирални на социјалните мрежи. Во сабота вечерта голем број млади луѓе биле на нивната адреса, дел од нив само сакале да ги видат и разговараат, но имало и такви кои им ја скршиле портата.
Ситуацијата почна да се влошува откако вчера приказната стана уште повирална и голем број луѓе, како од Куманово, така и од другите градови постојано доаѓале да ги видат.
Синоќа според мештаните на населбата биле гаѓани прозорците на изнајмената куќа во која живееле овие луѓе, по што најверојатно исплашени за својот живот одлучиле да ја напуштат државата.
Неофицијално од синоќа ги обезбедува и полицијата, од каде претходно рекоа дека групата не претставува опасност за локалното население и во државата влегле легално.
Никола Ивановски