Данскиот бренд за детски играчки Лего соопшти дека ги затвора своите операции во Русија на неодредено време и отпушта 90 вработени во Москва поради „големи нарушувања“ во земјата, пренесува Ројтерс.
Лего го раскина договорот за франшиза со Inventive Retail Group (IRG), која поседуваше и управуваше со 81 продавница во име на Lego.
ИРГ, која исто така имаше продавници во Русија за западни брендови како Најк и Самсунг, претходно денеска објави дека договорот со Лего е раскинат.
„LEGO Group одлучи да ги прекине комерцијалните операции во Русија на неодреден период, со оглед на континуираното големо нарушување во оперативното опкружување“, соопшти компанијата.
Лего ги паузираше пратките во Русија во март и објави во јуни дека привремено замрзнува некои продавници поради проблеми со снабдувањето.