Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека западните земји се обидуваат да ја политизираат заедничката декларација на самитот на Групата 20 најголеми економии во светот (Г20).
Во нацртот на завршната декларација од самитот на лидерите на Г-20, кој започна денеска, се наведува дека мнозинството членови најостро ја осудуваат војната во Украина и нагласуваат дека таа ја влошува нестабилноста во глобалната економија, пренесе Ројтерс, истакнувајќи дека тој имаше увид во предлогот на овој документ.
Лавров на новинарите во Бали, каде што ја предводи руската делегација на самитот на Г-20, изјави дека работата на финалниот документ е при крај и дека западните земји се обидоа на секој начин да ја политизираат декларацијата, така што таа подразбира осуда на руската акции во име на целата Г20, односно самата Москва, пренесува РИА Новости.
Тој додаде дека Русија инсистирала во завршната декларација да се наведе дека ставовите на членката на Г-20 за прашањето за Украина се разликуваат.
Шефот на руската дипломатија објави и дека денеска разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за конфликтот во Украина и дека им го привлекол вниманието на тоа дека Киев го одложува секое можно решение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во видео обраќање ги повика учесниците на самитот Г20, вклучително и американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг, да ја усвојат украинската мировна формула од 10 точки и да ја завршат војната „праведно и на основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Во своето денешно обраќање пред новинарите, рускиот министер нагласи дека Украина одбива да разговара со Москва и предлага нереални услови за мир.
Лавров рече дека Зеленски „не ги слуша западните совети за преговорите со Русија“ и дека неговата реторика при обраќањето до лидерите на Г-20 е „русофобична и агресивна“, истакнувајќи дека Москва не се откажува од преговорите со Киев, пренесува РИА Новости.