Шефот на руската дипломатија денеска ги оцени како контрапродуктивни заканите на Западот упатени до Русија, која е обвинета дека подготвува воена акција против Украина.
– Идеолошките пристапи, ултиматумите и заканите не водат кон ништо – изјави Сергеј Лавров, на почетокот на средбата во Москва со неговата британска колешка Лиз Трус.
Тој изрази жалење што „многу наши западни колеги имаат страст за ваков тип на комуникација“.
– Доколку Лондон сака да ги подобри односите со Москва, секако дека ќе одговориме на ист начин, бидејќи не можеме да бидеме задоволни со меѓусебните односи кои се на најниско ниво – рече Лавров.
Но, „односите можат да се нормализираат само преку дијалог со взаемно почитување и на рамноправна основа, за да се изнајдат решенија кои би биле заемно прифатливи“, нагласи тој.
Оваа средба меѓу Лавров и Трус доаѓа во време на тензии меѓу Западот и Русија, обвинети за собирање десетици илјади војници на границата со Украина за да извршат инвазија, што Русија го негира.
Трус рече дека дошла во Москва за да ја „покани Русија да помине низ дипломатијата“.
– Војната во Украина би била катастрофа за рускиот и украинскиот народ и за европската безбедност. Постои алтернативен пат, дипломатски пат, кој овозможува да се избегнат конфликти и крвопролевање – додаде Трус, пренесува Хина.