Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека учеството на севернокорејските војници во борбите во рускиот Курски регион е директна потврда за „непобедливото воено братство“ меѓу двете земји.
Зборувајќи на средбата со севернокорејскиот министер за надворешни работи Чои Сон Хје во Вонсан, Лавров рече дека во претходната рунда стратешки преговори, Северна Кореја го оценила новиот билатерален договор како „темел“ на тоа братство, објави ТАСС.
„Оваа ваша проценка доби практична потврда во Курскиот регион, каде што војниците на Корејската народна армија, заедно со руските борци, по цена на нивната крв, па дури и на нивните животи, придонесоа за ослободувањето на тој регион од украинските нацисти“, рече Лавров.
Според извештајот на агенцијата ТАСС, тој со тоа нагласи дека партнерството меѓу Москва и Пјонгјанг се продлабочува и на терен, а не само преку политичка и стратешка соработка.
Лавров вчера пристигна во крајбрежниот град Вонсан, како дел од неговата посета на Северна Кореја.
Пред посетата на Лавров, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека рускиот министер ќе учествува во втората рунда стратешки дијалог меѓу Русија и Северна Кореја на ниво на раководители на оддели за надворешна политика, заедно со севернокорејскиот министер за надворешни работи, Чои Сон Хје.
Првата рунда разговори се одржа во Москва во јануари 2024 година.
Туристичката зона во Вонсан, на брегот на Јапонското Море во источниот дел на Северна Кореја, беше официјално отворена кон крајот на јуни.
Новиот туристички хотелски комплекс е изграден како дел од проектот на Ким Џонг Ун за изградба на културно-рекреативна зона од „светска класа“.
Северна Кореја: Пјонгјанг безусловно ја поддржува политиката на Русија за заштита на суверенитетот
Севернокорејскиот министер за надворешни работи, Чои Сон Хи, изјави дека владата на земјата „безусловно“ ќе ја поддржи Русија во заштитата на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, нагласувајќи дека односите меѓу двете земји се подигнати на ниво на „нескршлива соработка“.
Изјавата беше дадена за време на втората рунда од стратешкиот дијалог меѓу Северна Кореја и Русија, што се одржува денес во Вонсан, на источниот брег на земјата, објави Интерфакс.
„Поддршката на Русија е стратешки избор на нашата влада, кој се темели на спротивставување на хегемонските амбиции на империјалистичките сили и застапување на меѓународната правда“, рече Чои за време на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Таа додаде дека посетата на Лавров на Пјонгјанг ја покажува „желбата на руската страна да ја продлабочи стратешката размена на мислења и да ги прошири традиционалните односи на пријателство и соработка“.
Министерката особено нагласи дека „учеството на севернокорејските војници во ослободувањето на Курската област стана историски настан што означи нова етапа во развојот на билатералните односи“.