Организацијата за европска безбедност и соработка денеска е во лоша состојба, изгледите се нејасни, изјави шефот на руската дипломатија на пленарната седница на ОБСЕ во Скопје.
Тој потсети дека организацијата била уништена во 1999 година.
„Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија ѝ беше украдено Косово без никаков референдум“, посочи Лавров.
Тој потсети дека за нешто повеќе од една година Хелсиншкиот Завршен акт ќе наполни 50 години.
„Во тој поглед, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни“, рече рускиот министер.
Тој се осврна и на санкциите кои Западот и ги воведе на Русија во неверојатна сума.
„Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рече тој.
Тој посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.
Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ се одржува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и вклучува три пленарни седници.
Посетата на Скопје е прво патување на Лавров во Европа од почетокот на конфликтот во Украина, доколку не се бројат неговите посети на Белорусија и Турција.
Поради неговото учество на самитот на ОБСЕ во Македонија, министрите за надворешни работи на Украина, Полска, Естонија, Летонија и Литванија го бојкотираат настанот.
Седницата на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, во која членуваат 57 земји, се одржува на 30 ноември и 1 декември.
Се очекува учесниците да разговараат за безбедносните прашања на континентот во услови на актуелниот украински конфликт, како и за прашањето за избор на следниот претседател на организацијата, пренесува Спутник.