Русија отсекогаш ја нагласувала својата посветеност за обезбедување на безбедноста на Израел, на земјата ѝ треба мир, но и на Палестинците им е потребен мир, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Во своите меѓународни говори за Блискиот Исток, претседателот Владимир Путин секогаш ја истакнуваше нашата посебна посветеност за обезбедување на безбедноста на Израел. Ги гледаме геополитичките услови во кои се развива оваа земја. Ние разбираме дека ѝ треба мир. Но и на нејзините соседи им треба мир. Ова се однесува на Сирија, Либан и Палестинците – изјави Лавров во понеделникот по средбата во формат „3+3“ за Јужен Кавказ во Техеран, пренесе „Спутник“.
Тој додаде дека Русија е подготвена да помогне во решавањето на палестинско-израелскиот конфликт и дека Москва има нормални односи со сите страни во конфликтот.
Од друга страна, како што рече, САД се меѓу лидерите на земјите кои се мешаат во палестинско-израелскиот конфликт.
– Што се однесува до прогнозите на (државен секретар на САД) Ентони Блинкен за интервенција на трети сили во конфликтот, Америка веќе е меѓу лидерите на оние кои веќе се мешаат. Тоа вклучува испраќање на две групи носачи на авиони во зоната на конфликтот, неколку илјади борбени трупи, како што јас разбирам, со целото потребно оружје, вклучително и тешкото оружје. Колку повеќе такви проактивни чекори презема една земја, толку е поголем ризикот, толку е поголема опасноста конфликтот да ескалира – истакна Лавров.