Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека изјавите на западните земји покажуваат дека тие не сакаат да го решат конфликтот во Украина.
Министерот Лавров е во посета на Анкара, каде денеска се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
– Западот јасно ги прекршува резолуциите на Обединетите нации. Западот има и неконструктивна агенда – рече Лавров на прес-конференцијата.
Тој посочи дека Западот не крие дека Кина е следната цел по Русија, како и секоја земја што ќе се осмели да дејствува самостојно. Тој се осврна и на договорот за жито што беше постигнат со посредство на Анкара.
– Доколку е потребно, Русија ќе работи на извоз на жито преку Турција и Катар, надвор од Црноморскиот договор – рече Лавров.
Во јуни минатата година, Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кои беа суспендирани по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Благодарение на турските напори, договорот за жито беше продолжен за уште 120 дена во ноември минатата година и уште 60 дена во март годинава.
Тој ја коментираше и изградбата на нуклеарната централа Аккују во Турција.
– Изградбата на нуклеарната централа Акују ќе ја зајакне енергетската безбедност на Турција – изјави шефот на руската дипломатија.
Турција и Русија соработуваат на проектот за изградба на нуклеарната централа Акују.
Аккују, кој се гради во јужната турска провинција Мерсин, ќе биде првата нуклеарна централа во земјата.
Првиот реактор на електраната Акују треба да биде во функција во 2023 година, а целата централа треба да биде во функција до 2025 година. Проектот започна со меѓувладин договор од 2010 година меѓу Турција и Русија.
Централата, која се очекува да има инсталирана моќност од 4.800 мегавати и четири реактори, треба да започне со производство на електрична енергија кон крајот на оваа година.