Кумановскиот музеј беше дел од Меѓународен конгрес на византиски студии

Сподели со своите пријатели

Во периодот од 22 до 27 август, 2016, во Белград се одржа 23 Меѓународен конгрес на византиски студии, на кој учество зеде и претставник на кумановскиот музеј.

Конгресот беше организиран од  Association Internationale des Études Byzantines, која постои од  1948 година, а отворен под мотото „Византија-свет на промени“ и беше најголем во досегашната историја, со преку 1400 регистрирани истражувачи кои учествуваа на сесиите и седниците.

Претставник од НУ Музеј Куманово беше археологот  Дејан Ѓорѓиевски, заедно со претставникот од Археолошкиот Музеј на Македонија, беа единствени претставници од македонските музеи кои учествуваа на конгресот, додека од Македонија имаше уште неколку учесници од Филозофскиот Факултет и Институтот за старословенска култура.

Споредбено со останатите земји од светот и регионот, учесниците од Македонија беа во мошне мал број, а повторно се согледа и потребата за основање на Национален комитет за византиски студии.  Македонија е единствената земја во регионот, која се уште нема свое тело – претставник во Меѓународната асоцијација – велат од кумановскиот музеј.

Конгресот се одржува на секои четири години и претставува еден од најважните настани за истражувачите на оваа проблематика. Поради големата важност на конгресот, како покровители се јавија претседателот на Република Србија – г-дин Томислав Николиќ и генералниот директор на UNESCO – г-ѓа Ирина Бокова.