Кумановскиот археолог Дејан Ѓорѓиевски одржа предавање на Оксфорд
On:
Сподели со своите пријатели
На 21 октомври, по покана на факултетот за класични студии на Оксфорскиот Универзитет, во Центарот за класични и византиски студии, предавање одржа археологот од Музеј Куманово – Дејан Ѓорѓиевски.
Предавањето беше организирано на иницијатива на проф. Ине Јакобс од University College – Оксфорд, која е и дел од меѓународниот проект на истражување на локалитетот Костоперска Карпа. На предавањето беа соопштени резултати од сопствените истражувања на археологот на кумановскиот музеј, а се однесуваат на ретки претстави на светители претставени на предмети од слонова коска и на една фреска од Македонија.
Во рамките на посетата, директорот на музејот и раководителот на проектот од македонска страна остварија средби со партнерите од англиските универзитети, на кои беа прецизирани и плановите за понатамошна соработка помеѓу институциите. Воедно, беше остварена и средба со директорот на античкиот оддел на Ashmolean Museum – др. Пол Робертс, на која беше изразена иницијатива за меѓусебна соработка помеѓу институциите.
На крајот беше заеднички заклучено дека ваквиот тип на соработка на Музејот Куманово со најдобрите светски универзитети и музеи претставува извонреден импулс за подготвување на нови проекти и афирмирање на македонската научна јавност во светски рамки.
Посетата беше во финансирана од Министерството за култура и помогната од Фондацијата Кирил Трајковски.