Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“ денеска со свечена седница која се одржа во салата на поранешен Комитет, го одбележа Светскиот ден на волонтери, 5ти декември.

На седницата беше промовирана првата генерација на млади волонтери аниматори, а воедно беше претставена и новата акција под името „Вера“ која треба да се одржи следната година, а која има поддршка и од Владата на Република Македонија.
– Ние се одлучивме на овој ден за прв пат да доделиме плакети за најдобри млади волонтери за оваа година, тоа се некаде околу 13 ученици и членови на здруженија, имаме промовирање на првата генерација млади аниматори, тоа се наши членови ангажирани во рамките на нашата Меѓународна волотерска еколошка акција „Вера 2017“ на која ќе учествуваат околу 400 волонтери од 13 земји од Балканот. Самиот факт дека ние во текот на 2017 година проектно ангажиравме околу 290 ученици од сите основни и средни школи, бројка која сама по себе зборува дека интерес кај младите има, изјави Јусуф Љатифи претседател на „Кумановски Акцијаши“.
Според претседателот Љатифи, во текот на годинава биле реализирани поголем број акции, а од особено значење според него е акцијата „Зелено Куманово“, повеќемесечен проект за уредување на крајбрежјето на кумановските реки, проект во кој учествувале околу 190 волонтери.

Според волонтерот и наставник во пензија, Јаготка Томовска, работното ангажирање на волонтерите во Македонија и државите од СФРЈ има длабок корен и богата традиција. Како што истакна во своето обраќање за формирање на групи граѓани волонтери кои сакаат доброволно да се ангажираат не е важна возраста, полот или нивната расна и политичка определба.
– Граѓаните волонтери кои работно се ангажираат на доброволна основа, независно дали тоа е ангажирање за подолг временски период или за определено време, на нив им овозможува волонтерите да создадат здрав работен колектив и меѓусебно да градат пријателски односи, меѓусебно почитување еден кон друг и сите работно ангажирани. Тоа овозможува соживот, размена на искуства, во нивното дотогашно работно ангажирање. Простор за ангажирање е голем особено сега кога се бориме да имам здрава животна средина, чист воздух и прехрамбени продукти од еколошки здрави средини, посочи Томовска.
На денешната свечена седница благодарници добија младите волонтери, најусоешните, стопански и медиумски субјекти кои искажале поддршка за работата на здружението.

Инаку, Светскиот ден на волонтери се одбележува од 1970 година, кога Обединетите нации одлучиле да ги наградат своите волонтери кои работеле во мисиите ширум светот.





