Македонија денеска одбележува 147 години од од раѓањето на херојот и револуционер Гоце Делчев. По тој повод бројни делегации свежо цвеќе денеска положија и пред бистата на Делчев во дворот на Гимназијата во Куманово, која со гордост веќе 74 години го носи неговото име.
Градоначалникот Максим Димитриевски, претставници на општина Куманово, политички партии и невладини организации денеска му одадоа почит на најголемиот херој.
Како што истакна Марија Тодоровска, директор на кумановската гимназија, одбележувањето на денот на раѓање на Делчев е традиција која училиштето ја негува со години. Името на револуцонерот храбро го претставуваат на многу домашни и меѓународни натпревари.
– Како училиште покажуваме секогаш најсолидни резултати на сите полиња, сите натпревари по спорт, наука, хемија, физика, биологија и останатите предмети кои се изучуваат во нашето училиште. Како резултат на нашиот воспитно-образовен процес се и многубројните завршени ученици кои денеска се успешни лекари, инжинери, професори, адвокати и сите други професии. Ние имаме многу меѓународни соработки со многу училишта и традиционално го задржуваме тоа 10годишно соработување со Гимназијата од Санкт Петербург, гимназиии во Италија и Франција и сега сме многу вклучени во проектите Еразмус плус, изјави Тодоровска.
Инаку, Делчев е македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.