Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ ќе го оживее весникот кој излегуваше цели 40 години на подрачјето на Општина Куманово, „Наш весник“.
Според директорот на библиотеката, Марјан Петковски, ова е првиот локален весник кој ќе биде дигитализиран со новата опрема која веќе е набавена, со цел да се зачува ова акултурно богатство за кумановско.
– Ќе се отпочне со „Наш весник“, тоа е еден од најстарите весници. Ќе биде потребен долг период да го завршиме проектот, затоа што весникот има излегувано повеќе од 40 години. Потоа ќе следува дигитализација и на другите весници, но ова е најстариот и ќе започнеме со него, рече Петковски на денешната седница на Советот на Општина Куманово, презентирајќи ја програмата за работа за 2018 година.
Ваквиот проект кој е сместен во програмата на Библиотеката „Тане Георгиевски“ за оваа година, наиде на пофалби и од страна на опозицијата во советот. Советникот Зоран Петрушевски, додаде дека проектот треба да ги опфати и останатите весници кои излегувале во Куманово.
– Одлична работа, но во меѓувреме имаме и други локални весници, пократкотрајни, но сметам дека нема да биде проблем и тие да бидат опфатени со проектот, рече Петрушевски.