По немилите случувања на 9 и 1о мај, Куманово повеќе не е град во кој се живее исто како пред вооружените дејства. Иако навидум изгледа жив, градот всушност умре во секоја смисла, како на економски, така и на социјален план. Замре животот на близу 80 000 луѓе колку што брои овој град според пописот од 2002 година.
Составен од граѓани од мешан етнички состав, градот до вооружените дејства, живееше можеби подобро од останатите градови во Македонија, ако се земе во предвид големиот прилив на средства кои доаѓаа од платите на вработените кумановчани во американските бази на Блискиот Исток, иако според АВРМ, како невработени се водат речиси 10 000 активни работобаратели.
И покрај фактот што кризата од 2001 ја зафати соседната општина Липково, градот не ги заборави терористичките напади кои поминаа без човечки жртви, т.е поставувањето бомба на градскиот плоштад или бомбата пред кумановската гимназија ”Гоце Делчев”. Во момент кога кумановчани мислеа дека сите тие настани се веќе историја, градот го задеси напад кој одекна во сите светски медиуми.
Нажалост, и покрај добрите меѓуетнички односи, намален степен на насилство меѓу младите и солиден социјален живот, жителите со соочија со урбана војна која на Куманово му донесе имиџ на град кој стана светски познат по терористички напад во кој животот го загубија осум припадници на безбедносните сили.
Од тој викенд, животот во градот повеќе не е ист. Освен што се уништени близу 120 куќи во кумановската населба Тоде Мендол, уништен е и целиот град, како на економски, така и на социјален план.
Како потврда служат изјавите на трговиците низ градот кои се жалат на нагло опаѓање на дневниот промет, изјавите на сопствениците на кафулиња и ресторани, кои исто така се жалат на послаба работа и рано затворање на објектите поради послабата посетеност. Вредно да се спомене е и изјавата на директорот на ЈП Водовод, кој исто така обелодени дека по настаните во Куманово, нагло е опадната и наплатата на вода, со речиси 2 милиони помалку уплатени средства споредбено со четирите месеци од 2015 година.
Улиците низ градот се веќе празни после 22 часот, откажани се сите културни и социјални настани, без најава за датуми кога ќе бидат одржани одложените културни збиднувања. Тука се вбројува одлуката за одлагање на Матурскиот квадрил на градскиот плоштад, познатиот маскенбал ”Батко Ѓорѓија”, одлагање на театарски претстави, одлагање на Рок фестивалот во организација на Мото Клуб ”Мечки” на Спомен Костурница, и прослава на матурските вечери со дувачки оркестри на градскиот плоштад.
Матурските забави во Куманово поминаа речиси незабележливо, со препорака од Отсекот за превенција при СВР Куманово, младите да се воздржат од секакви провокации на етнички план.
Од немилите настани до денес поминаа две недели, а градот остана непосетен од официјалните претставници на власта, кои од перспекитва на директно одговорни за вооружените дејства, ги оставија кумановчани сами да се носат со последиците кои ги донесе терористичкиот напад.
Иако МВР одржа прес конференции за нападите, за бројот на жртвите и мотивите за нападот, Куманово четири дена остана блокирано на двете главни сообраќајници кои кружно водат кон зградата на СВР Куманово, без објаснување од надлежните за што станува збор, а изостана и јавното објаснување, т.е смирување на жителите дека после нападот, граѓаните можат слободно да функционираат по вооружените дејства, ако се земе во предвид изјавата на МВР дека терористичкат група е елиминирана во целост.
Сите постфестум настани, како што е бекство на член од групата во с. Брест, блокирањето на улиците и свежите сеќавања од вооружените дејства, кај кумановчани создаде чувство на несигурност и страв, што се одрази со апстиненција од трошење пари, и полнење на ходниците од пасошкото одделение на СВР Куманово.
Тоа што му се случи на Куманово во 2001, кога градот живееше без вода речиси месец дена е еквивалент на тоа што му се случува денес, т.е, градот после 9 мај, наликува на место кое преживеало непогода пострашна од Чернобил.