Куманово вчера и денеска личи на едно големо лизгалиште, а Максим Димитриевски и СДСМ спијат, рече денеска на прес конференција Игор Божиновски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово, со обвинувања дека општинските власти не си ја завршиле обврската да ги исчистат улиците и тротоарите од снег.
Ги изненади снегот во февруари, вели Божиновски, додавајќи дека Куманово изгледа како лизгалиште.
– Сите булевари и улици во градот се подледени,возилата и пешаците едвај се движат низ неисчистените улици и тротоари,а граѓаните по социјалните мрежи јавуваат и за неколку сообраќајни незгоди поради неисчистените улици. Заглавени возила по коловозите,непристапни пешачки патеки,а механизацијата со која толку се фалеше градоначалникот никаде ја нема, рече Божиновски.
Куманово за зимско одржување на улиците и патиштата, како што рече Божиновски, потроши 10,4 милиони денари.
– Фирмата ,,КООП Инжинеринг” од Куманово,која важи за блиска фирма на СДС, доби тендер за зимско одржување на улиците во вредност од 10 милиони и 400 000 денари. Тендерот го доделија,парите на граѓаните ги потрошија,а снегот по улиците остана неисчистен, рече Божиновски.
Тој упати прашање до градоначалникот Димитриевски кога планира да ги исчисти главните сообраќајници и улици низ градот.
– Каде е дежурната екипа на КООП ИНженеринг која го има добиено тендерот за да чисти деноноќно низ градот? Каде е механизацијата и зошто не е фрлена индустриска сол и ризла низ улиците? Дали фирмата која го има добиено тендерот за зимско одржување на улиците нема набавено доволно количини на ризла и индустриска сол и покрај тоа што во тендерот е пропишано да имат задолжителна залиха од 60 тони од истите материјали? Дали планира да понесе Димитриевски одговорност за катастрофалното управување со градот, праша Божиновски.
Инаку, интензивните снежни врнежи во Куманово и ниските температури го задржаа снегот на улиците, кои барем утринава, не беа расчистени ниту оние под надлежност на општината, ниту магистралите под надлежност на Македонија пат.
Никола Ивановски