Куманово Скелетонс ја заокружија својата најуспешна сезона досега – со освоено второ место во Првата српска флег фудбал лига, клубот го донесе првиот пехар во историјата на македонскиот флег фудбал.
Овој подвиг е круна на повеќегодишната посветеност, страст и напорна работа на еден тим кој од соништата направи реалност.
По дебитантското 4-то место и минатогодишното шесто, сезонава Куманово Скелетонс блеснаа со квалитетна и тимска игра, оставајќи зад себе поголем дел од српската конкуренција во лига на земја која беше 17-та на последното светско првенство.
Овој резултат не само што е голем чекор за клубот, туку претставува и историски момент за развојот на флег фудбалот во Македонија.
Основани со цел да го промовираат американскиот фудбал во неговата безконтактна форма, Куманово Скелетонс од 2018 година прераснаа од група ентузијасти во респектиран клуб кој веќе трета сезона го носи македонското знаме на регионални и меѓународни терени.
Со оглед на отсуството на домашна лига, нивното учество и успех во Србија се повеќе од спортско постигнување – тоа е симбол на истрајност и визија.
Клубот редовно учествува и на турнири низ Балканот – во Србија, Хрватска, Бугарија и пошироко – постојано градејќи репутација на тим што не попушта пред предизвиците.
Иако седиштето е во Куманово, играчи доаѓаат од Скопје и други делови на земјата, што говори за сè поголемата привлечност и значење што клубот го има на национално ниво. Тие се препознатливи не само по црно-белата опрема и динамичниот стил на игра, туку и по нивната улога како спортски амбасадори и инспирација за млади генерации.
Покрај натпреварите, Куманово Скелетонс вложуваат и во иднината на спортот преку организирање јавни тренинзи, детски игри, соработка со училишта и учество на културни и спортски настани низ државата.
Никола Ивановски / фото: Куманово Скелетонс