Куманово сезонава ќе има два кошаркарски второлигаши

Сподели со своите пријатели

Куманово претстојната сезона ќе има два кошаркарски клуба кои ќе се натпреваруваат во Втората кошаркарска лига.

Loading...

Станува збор за Младинскиот кошаркарски клуб Куманово кој го освои пехарот во Третата лига и премина во посилен ранг на натпреварување.

Вториот клуб е Кошаркарскиот клуб Куманово 2009 кој минатата сезона испадна од највисокиот ранг на натпреварување.

Сепак по многуте шпекулации за судбината на тој клуб, вчера се огласи претседателот Виктор Божиновски кој потврди дека клубот ќе продолжи со натпреварувањата.

– Управта на КК Куманово 2009 одлучи да се натпреварува и следната сезона, овој пат во втората лига и во сите младински лиги. Иако во финансиската конструкција не се предвидени средства од страна на општината, сепак секоја помош е добредојдена. Добро е, Куманово ќе има 2 клуба кои ќе претендираат на влез или враќање во Првата лига, напиша Божиновски на својот Фејсбук профил.

Засега не е познато дали некој од претходните играчи ќе остане во клубот ниту кој ќе биде негов тренер.

Од друга страна МКК Куманово на тренерската позиција го обезбеди еден од најуспешните тренери Марин Докузовски, но засега нема најави за звучни кошаркарски имиња.

Кошаркарската сезона започнува кон почетокот на октомври, а со оглед дека Куманово ќе има двајца второлигаши, ќе може да очекува и градско дерби.

Loading...

Никола Ивановски