Куманово се збратимува со Бања Лука, советниците Албанци незадоволни

Сподели со своите пријатели

Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука за збратимување со Бања Лука, главниот град на Република Српска.

Предлогот пристигна од Секторот за евроинтеграции и меѓународна соработка при локалната самоуправа, но наиде на негодување од страна на советниците на ДУИ, кои гласаа против ваквата одлука, со образложение дека и покрај долгогодишната соработка со општини од Косово и Албанија нема ниту едно збратимување.

– Не е дека не сакам да имаме соработка и збратимување со општина Бања Лука, туку имајќи го во предвид тоа дека повеќе од 15 години општина Куманово соработува и има односи во аспект на култура, спорт, но и економски развој со неколку општини како Драч, имавме соработка со општина Корча, соработка и потпишување меморандум за збратимување на општина Гњилане, а Секторот за меѓународни односи не го гледал како сводно да го стави на дневен ред збратимувањето со овие општини, рече Фериз Дервиши, советник од редовите на ДУИ.

Предлог за интензиривање на соработката со албанските и косовски општини пристигна и од советникот на Алијансата на Албанците, Осама Муадини.

– Го поддржувам тоа што го кажа Дервиши и би сакал да застанам на тоа дека додека сум јас советник скоро две години посетите кои се извршија од страна на Советот и советниците биле во Република Србија, а не на други земји кои ги имаме и граничат со нас. Предлагам или сугерирам во иднина да се интензивираат контактите со Република Албанија, тамошните општини, а зошто не дел од овие делегации да бидат советниците Албанци, ако вие немате контакти ние можеме да имаме и да воспоставиме таква соработка, рече Муадини.

Не ви се точни информациите, рече претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, која потенцираше дека има контакт со Драч, Гњилане и други општини во чии делегации секогаш имало албански претставник.

Сепак за законските процедури во одредени држави, како што додаде Мургашанска се покомплицирани во одредени држави за разлика од оние во Македонија.

– Процедурите во други држави се посложени и во повеќе чекори има стапки во процедурата отколку кај нас, така да тие имаат како БиХ посебни одобренија од министерства и амбасади и понекогаш делува само формално, но трае, со дзоволи и консултации нивни, но не беше пречка како што гледате со Бања Лука на културен спортски и општествен план, не треба од ова да правиме политика, нема никаква селекција, Куманово е позната како општина која негува со многу општини и градови блиски и добри односи, рече Мургашанска.

Како што рече Марија Бабан од Скеторот за евроинтеграции и меѓународна соработка, општината е отворена за секаков вид соработка со други градови.

– Општина Куманово е доста отворена како општина и покрај тоа што ги негуваме традиционалните врски и релации со збратимените општини и оние со кои имаме само воспоставено соработка, многу сме посветени за воспоставување релации како во нашето опкружување така и пошироко, активни сме на тој план и се надевам дека општина Куманово наскоро ќе воспостави соработка со оптшините кои ги предложивте, но и оние подалеку од балканскиот регион, односно од ЕУ. Секоја одлука за соработка со друга општина е добробит за нашата општина за економска соработка, култура, образование и многу разни општествени сфери, рече Бабан.

Како што потенцираше претседателката на Советот, напори се прават и за воспоставување соработка со општини од Република Грција, нешто што во минатото било скоро невозможно.

Leave a Reply