Кошаркарите на Куманово победнички се враќаат од Црна Гора каде за 24 часа ги совладаа и Теодо од Тивар и Ибар од Рожаје, при што си обезбедија пласман во понатамошниот тек од БИБЛ лигата.
Вчера на гостински терен со резултат 66:82 убедливо го совладаа составот на Ибар.
Уште од стартот на натпреварот избраниците на тренерот Игор Ѓорѓиевски прикажаа подобра игра од домаќините и по истекот на првите десет минути на семафорот имаа два поени повеќе, односно водство со резултат 17:19.
Втората четвртина беше уште поубедлива за составот на сино-белите, па на полувреме се замина со 35:44.
Убедливата игра на кумановци продолжи и во вториот дел од средбата, каде и во третата и во четвртата четвртина Куманово успеа да го надигра Ибар и да слави победа и пласман во следната фаза од натпреварувањата во регионалната БИБЛ лига, каде ги очекуваат натпревари и во Израел.
Со 32 поени убедливо најдобра игра кај кумановци прикажа Американецот Отис Ливингстон, 22 впиша српскиот интернационалец Александар Андрејевиќ, а со двоцифрен број поени мечот го завршија и Бранислав Ѓекиќ, Горјан Марковски и Стеван Глигоријевиќ.
Кумановци немаат многу време за одмор, бидејќи веќе во вторник го пречекуваат составот на Берое од бугарска Стара Загора.
Никола Ивановски