Со резултат 73:79 кошаркарите на Куманово денеска забележаа пораз од составот на Кожув во рамките на домашниот шампионат.
Гостинскиот состав одржуваше константно водство во целиот натпревар. Започнаа со плус четири, па избраниците на тренерот Александар Петровиќ постојано го бркаа резултатот, но без Адем Мекиќ кој го прескокна натпреварот поради температура и Бранислав Ѓекиќ кој играше со повреда, Куманово немаше многу шанси против разиграниот Кожув.
Првата четвртина заврши со предност за соствот од Гевгелија со 19:26, за да набргу во вторите десет минути на паркетот ја реализираат и највисоката преднсот со резултат 21:32. На полувреме Кожув водеше со 34:40.
Полувремето ја зголеми борбеноста на кумановци, но не доволно за голем пресврт. Иако имаа ист број поени во третата червртина, сепак Кожув и натаму одржуваше предност со која влезе и во завршните десет минути од средбата.
Последната четвртина исто така беше израмнета. По 17 поени уфрлија и двата состави, меѓутоа се одиграа во крајно напната атмосфера и чести реакции кон судиската тројка, како од клупата на Куманово, така и од навивачите.
Средбата заврши со конечни 73:79 и победа за Кожув со која се на чекор поблизу до пласман во Суперлигата.
Меѓутоа, тренерот Александар Петровиќ вели дека Куманово нема да се предаде во колата кои остануваат до тогаш.
– Дадовме се од себе. На овие млади момци јас не можам ништо да им замерам, имавме доста отворени шутеви кои не ги погодивме, но не се даваме, одиме понатаму има уште четири-пет кола. Ние ќе играме до крај, рече Петровиќ.
Најефикасни во составот на Куманово со по 13 реализирани поени беа Игор Пенов, Филип Думиќ и капитенот Мирко Ковач, додека два помалку запишаа Филип Стојановски и Брнислав Ѓекиќ.
Во победничкиот состав најмногу поени реализираше Игор Кесар.
Следниот натпревар Куманово го игра повторно на домашен терен против составот на Пелистер.