Нова урбана опрема во вредност од 20.000 евра наскоро ќе добие Општина Куманово, информираше градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советничките прашањана последната седница на Советот.
Клупи, канти, но и табли за информирање ќе бидат дел од новата урбана опрема која освен низ централното градско подрачје ќе биде делумно дисперзирана и во приградските населби. На таблите кои ќе стојат покрај урбаната опрема, како што посочи градоначалникот Димитриевски, ќе бидат испишани пораки преку кои ќе се апелира до свеста на граѓаните да не се вандализира она што е направено за рекрација.
– Точно е дека недостасува урбана опрема, но истата урбана опрема реално е предмет на невиден вандализам од страна на одредени неосвесни граѓани и во континуитет се уништува. Погледнете ја состојбата со градскиот кеј и последниот случај кој што беше со јавните тоалети кои што беа поставени таму, беа без причина, од страна на три малолетни лица, за жал девојчиња, турнати, а едниот од нив искршен и оштетен. Претходно имавме оштетувања на јавен имот на градскиот плоштад, клупите беа променети пред четири месеци, а веќе во еден дел од градскиот плоштад нема ниту една даска, веројатно некој ги има искршено, искорнато и ги има искористено како огревно дрво, рече Димитриевски.

Првиот човек на градот апелираше до сите граѓани кои ќе забележат ситуации на вандалско оштетување на комуналната и урбана опрема во градот веднаш да пријават кај надлежните инспекциски служби или во полиција.
Новата урбана опрема ќе биде дисперзирана низ градот, а притоа Димитриевски изрази надеж дека формираната позорникарска служба на Министерството за внатрешни работи ќе даде ефект да се спречи уништувањето на истата.
– Има план и програма да се дисперзира оваа урбана опрема низ централното градско подрачје. Првенствено ќе се даде акцент на веќе постојаните зелени површини, не само градскиот кеј, зелените паркови кои ги имаме, но и формирање нови зелени катчиња во градот и ќе се обидеме заедно да го анимираме невладиниот сектор во делот на поддршка за одредени проекти за озеленување на нови зелени површини. Секаде каде што е можно во согласност со урбанистичкиот план сме подготвени како општина да реагираме и да создаваме нови зелени површини во сите делови на градот, додаде градоначалникот.
Озеленување ќе добие и дел од населбата Карпош, откако улицата „100“ беше целосно реновирана, заедно со дел од тротоарите каде ќе бидат засадени зелени садници кои треба да го разубават овој дел од градот, но и да допринесат за почист воздух за кумановци.
Воедно Димитриевски одговарајќи на прашањата на советничката Соња Тодоровска, истакна дека наскоро приградските населби ќе добијат одбележана вертикална и хоризонтална сигнализација, откако акцијата ќе заврши во централното градско подрачје и на главните сообраќајници во градот.

фото: архива

