Куманово меѓу општините кои потрошиле најмалку пари за новогодишно украсување

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово е меѓу општините кои издвоиле најмалку средства за новогодишно украсување за дочекот на 2026 година, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

 

 

Со трошок од 9.402 евра, реализиран преку Јавното претпријатие „Куманово Паркинг“, Куманово се најде во групата општини на дното според висината на средствата наменети за оваа намена.

 

 

Но, Куманово имаше новогодишно украсување и покрај малкуте издвоени средства. Градот од пред некоја година ја напушти праксата да изнајмува украси, туку одлучи да купува свои кои ќе ги користи повеќекратно и на тој начин ќе заштеди граѓански пари.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Општина Куманово објави јавен повик за користење на народна кујна во 2026 година

 

 

Така годинава, локалните власти се одлучија да ги користат украсите набавени изминатите години и да издвојат пари само за изнајмување фирма која ќе ги постави и отстрани украсите по завршувањето на празниците.

 

 

Покрај Куманово, со трошоци под 10 илјади евра се најдоа и Неготино, Ресен, Дојран, Свети Николе, Градско, Демир Капија, Богданци, Сопиште и Новаци.

Според анализата, тендерски постапки за новогодишно украсување спровеле вкупно 36 општини, од кои 31 навремено доставиле податоци за склучените договори.

Вкупната вредност на досега објавените договори изнесува 48,3 милиони денари, односно околу 785 илјади евра, а се очекува оваа сума дополнително да расте со објавување на договорите од преостанатите општини.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановски училишта добија грантови за програми за заштита на учениците

Најмногу средства за новогодишно украсување потрошила Општина Штип, со договор вреден над 81 илјада евра, по што следуваат Град Скопје, Охрид и неколку скопски општини.

Вкупно, само во Скопје, вклучувајќи ги сите градски општини, за украсување биле потрошени над 284 илјади евра, што претставува повеќе од една третина од вкупните трошоци на национално ниво.

Анализата дополнително покажува дека тендерите за оваа намена најчесто се спроведувале без реална конкуренција, со просек од само 1,15 понуди по тендер.

Во најголемиот дел од постапките била доставена само една понуда, што, според експертите, ја доведува во прашање оправданоста и пазарната реалност на трошоците.

Никола Ивановски

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ќе се засадат нови дрвја на неколку локации низ Куманово