Куманово ќе оддаде почит за 63-те жртви од трагедијата во Кочани

Сподели со своите пријатели

Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово организира собир на сеќавање и почит за жртвите од трагичниот настан во Кочани, при што животот го загубија 63 лица, меѓу кои и кумановецот Филип Стевановски.

Настанот со наслов „Срце за 63 светлини“ ќе се одржи на 16 март (понеделник) во 20:00 часот на градскиот плоштад во Куманово, каде граѓаните ќе имаат можност заеднички да оддадат почит и да испратат порака на солидарност и поддршка.

Според најавата на организаторите, во рамки на програмата присутните заедно ќе создадат големо срце од рози, како симбол на љубов и сеќавање, а ќе биде креирано и „ѕвездено небо“ со најголема ѕвезда – посветена на 63-те светлини, во знак дека споменот за жртвите ќе продолжи да живее.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Репрезентативци на Македонија во бокс на подготовки во Куманово (ФОТО)

 

 

Од Фондацијата потенцираат дека настанот е тивок и достоинствен повик до граѓаните да се поклонат со почит, да покажат дека трагедијата нема да биде заборавена и да испратат порака дека човечноста и поддршката се најсилни кога луѓето се заедно.

„Куманово е град на љубовта, солидарноста и подадената рака. Да покажеме дека знаеме да бидеме заедно и во тешките моменти“, порачуваат организаторите, повикувајќи ги граѓаните да присуствуваат, да запалат свеќа и со тишина и почит да оддадат чест на изгубените животи.

Никола Ивановски