Куманово ќе има новогодишен базар: Oтворeн повик за излагачите

Сподели со своите пријатели

Регионалната занаетчиска комора – Куманово, во соработка со Општина Куманово, годинава ќе организира новогодишен и божиќен базар на Градскиот плоштад „Нова Југославија“.

Настанот ќе трае од 15 декември 2025 до 10 јануари 2026 година, а целта е да се промовираат локалните занаетчии, мали бизниси и традиционални производи, како и да се создаде празнична атмосфера во центарот на градот.

Комората објави јавен повик за сите заинтересирани правни и физички лица кои сакаат да изнајмат продажен штанд.

Предвидени се 13 дрвени штандови, целосно бесплатни за користење, како поддршка на локалната економија.

Штандовите се со димензии 2×2 метри и цврста конструкција, а ќе бидат поставени на централната локација на плоштадот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Товарно возило изгоре кај кумановско Скачковце

Организаторите очекуваат учество од занаетчии и производители со најразновидни понуди – од дрворезба, керамика, природна козметика и новогодишни украси, до топли напитоци, домашни органски производи, палачинки, печени костени и празнични подароци.

Предност ќе имаат оние пријави што први ќе пристигнат, но и понудите што носат оригиналност, квалитет и тематска усогласеност со духот на празниците.

Штандовите ќе работат секој ден од 10 до 22 часот, а излагачите се должни да ги почитуваат сите законски прописи, особено кога станува збор за подготовка и продажба на храна и пијалаци.

Учесниците мора редовно да го одржуваат просторот, да обезбедат празнично осветлување и да се грижат за безбедноста на штандовите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  КУД „Панче Пешев“ ги повикува поранешните членови заедно да одбележат 100 години постоење

Електрична енергија за осветлување ќе биде обезбедена од организаторите, додека дополнителни приклучоци за греење или подготовка на производи ќе треба сами да ги обезбедат.

РЗК Куманово го задржува правото да го суспендира користењето на штандовите доколку учесниците не ги почитуваат правилата.

Сите заинтересирани треба да поднесат Барање за користење на штанд најдоцна до 11 декември 2025 година, до 14 часот, во канцеларијата на Комората на ул. „Гоце Делчев“ бр. 71.

Контакт за информации:  [email protected] и 📞 070 542 162

Новогодишниот базар се очекува да стане место за дружење, купување подароци и поддршка на локалните креативци, со што Куманово ќе ја зајакне празничната понуда и ќе создаде нова традиција во градот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Црвен крст Куманово го одбележа Светскиот ден на волонтеризмот (ВИДЕО)

Паралелно со тоа, како што дознава Кумановски Муабети, ќе се одржат и најамлку десетдневни музички и културни настани на градскиот плоштад, каде ќе настапат и познати имиња од макеоднската музичка сцена, а ќе има и богата детска програма.

Се очекува новогодишното осветлување и елка да бидат поставени на 15ти декември.

Никола Ивановски