Куманово ќе добие пешачка зона во централното градско подрачје, а за таа цел, како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски преку социјалните мрежи, веќе е објавен повик за избор на компанија која ќе треба да го изработи предлог проектот.
– Во рамки на Планот за одржлива урбана мобилност ПОУМ кој е усвоен од страна на Советот во Мај 2020 година, Oпштина Куманово објави повик за избор на компанија која треба да изработи предлог проект за пешачка зона во градот, вели Димитриевски.
Како што додава градоначалникот, во делот на постапката за донесување на Планот за одржлива урбана мобилност биле вклучени и граѓаните кои дале повеќе предлози и идеи.
– Планот кој ќе се изработи ќе обезбеди најсоодветни предлог локации, начин на воведување, како и одговори на прашањата поврзани со непречено функционирање на субјектите кои се директно засегнати од промените кои ќе настанат со воведување на пешачката зона во централното градско подрачје, појаснува Димитриевски.
Никола Ивановски