Кошаркарите на Куманово се пред исклучителен тест оваа сезона. Во среда започнува борбата за нивен пласман во финалето од македонскиот шампионат во кошарка, но патот нема да биде едноставен.
Во полуфиналните мечеви ги чека исклучително квалитетниот состав на Работнички кој нема да се штеди за да пристигне до финалето, знаејќи го тренерот Докузовски тој ќе ги искористи сите можни потенцијали и трикови. Но, за финалето чезнее и кумановскиот тим, а сигурни сме дека и Петровиќ ќе има одлична стратегија, со оглед дека неговите кошаркари се единствениот тим кој сезонава им зададе пораз на центарци.
Денеска во просториите на Македонската кошаркарска федерација беше одржан состанок помеѓу претставниците на клубовите кои ќе се надигруваат во плејофот (полуфинале), Генералниот Секретар Моника Гаврилоска, Спортскиот Директор Владимир Темелковски како и Комесарот за натпреварување Владо Цветковски.
На состанокот се говореше и за термините за одигрување на натпреварите. Во интерес на кошаркарскиот спорт, клубовите прифатија да натпреварите од едно коло бидат одиграни во два различни дена како истите телевизиски би биле пренесувани. Па така, полуфиналната серија од Плејофот ќе започне со натпреварот помеѓу второ и третопласираниот на табелата во Супер лигата – екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна. Натпреварот ќе се одигра утре (8. мај) со почеток во 19:00 часот. Натпреварот помеѓу првопласираниот Работнички и четвртопласираниот Куманово ќе се одигра ден подоцна, односно во среда.