Куманово и годинава без концерт за Нова Година

Сподели со своите пријатели

Куманово и годинава ќе остане без концерт за дочек на Нова година. Ваквата одлука, веќе ја донел и новиот градоначалник Максим Димитриевски, кој вели дека во време кога локалната самоуправа работи во тешка финансиска сотојба, не може да се прават мега концерти.

Сепак, традиционалната новогодишна програма сепак ќе го збогати празничниот дух во градот.

– Секако дека ќе имаме новогодишна програма на градскиот плоштад, имаме многу наши локални ѕвезди, сите доаѓаат од различни етнички заедници и сметам дека најсоодветно и најодговорно можеме да се забавуваме дента на новогодишната вечер, сметам дека граѓаните може да ја искористат за прослава во кумановските дискотеки и кафулиња, но во текот на денот и во новогодишните денови секако дека Општина Куманово подготвува новогодишна програма за одбележување, рече Димитриевски при неговото гостување во емисијата „Став“ на Телевизија „Плус“.

Ова е трета година по ред, новогодишниот концерт да биде заменет со целодневна забава на градскиот плоштад претежно за малите дечиња кои уживаат со Дедо Мраз. Ваквата пракса ја воведе претходниот градоначалник откако за прославите се фрлаа пари, а на плоштадот поради студеното време, но и слабите музички имиња не доаѓаше скоро никој.

Градоначалникот Димитриевски во своето гостување во емисијата „Плус“ најави дека нема да дозволи импровизирани новогодишни тезги на градскиот плоштад и било каде во градот кои наместо да го разубавуваат, го нагрдуваат изгледот на градот.

– Сето тоа што ќе биде изнесено на плоштад ќе мора да биде уредно поставено и соодветно поставено и да личи на нешто. Но дозволете ми да остане некоја тајна и изненадување за граѓаните, веќе на тој план работиме како општина и верувам дека самиот проект кој сакаме да го реализираме заедно со Здружението на угостители „Бисер“ во Куманово и со заложба на одредени трговски и производствени капацитети во општината верувам дека ќе влоди со плод и граѓаните позитивно ќе го оценат самиот проект, рече Димитриевски.

Инаку, новогодишните тезги кои секоја година се наоѓаат на малиот плоштад пред Центарот за култура, нудеа од градници и гаќи до пижами и тренери, се освен новогодишни подароци.