Куманово – град на култура за 2019 година (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Министерството за култура го прогласи Куманово за град на културата за 2019 година.

Како што рече денеска на прес конференција градоначалникот Максим Димитриевски ова е само едно признание во пресрет на петвековниот јубилеј од постоењето на градот.

– Воедно сме известени дека на нашата апликација со која аплициравме со различни настани и манифестации за тековната 2019 година со вкупен износ од 15 милиони денари на годишно ниво, ни се одобрени средства од вкупно три милиони денари кои што ќе бидат поддршка за сите овие настани и манифестации. Воедно ве информирам дека Општина Куманово за оваа тековна година во рамки на редовната програма за културни настани и манифестации обезбеди буџетски средства од вкупно 10 милиони денари и дополнителни три милиони денари кои ги добивме од ресорното министерство, рече Димитриевски.

Со допис до Владата на Република Македонија, Општина Куманово, како што рече Димитриевски, ќе побара дополнителни финансиски средства за да големиот јубилеј се одбележи на најсоодветен начин.

– Општина Куманово во соработка со сите институции на локално ниво кои што се во сегментот на културата и спортот, во заедничка соработка во следниот период ќе го одбележни најдостоинствено јубилејот пет века Куманово со различни активности, тргнувајќи од различни културни настани, од делот на театарот, музика, концерти и сите останати спортски манифестации кои се вообичаени за нашиот град, додаде Димитриевски.

Петвековното постоење на градот годинава ќе биде одбележано со дополнителни 26 манифестации надвор од редовната програма, а меѓу нив неколку балетски претстави, концерти, документарни филмови, театарската претстава „Ленче Кумановче“ и многу други.

На листата проекти е и преработката на песната „Куманово во срцето“ која ќе ја препеат повеќе локални музички имиња, додека групата „Некст тајм“ ќе ја преработи песната „Јовка Кумановка“.

Освен град на културата во Македонија, Куманово годинава е прогласен и за Европски град на спортот.

Leave a Reply