Првото родено бебе во Куманово е машко, родено на вториот ден од 2022 година во Општа болница Куманово.
Ова е четврто бебе на кумановката Миранда Синани, која по три ќерки, сега доби син.
– Со нетрпение го очекувавме доаѓањето на свет на првотот бебе во Општина Куманово. Тоа е родено на втори јануари во 16:55 часот. Се работи за машко дете родено со царски рез, на мајката ова и е четврта рожба, инаку трет царски рез. Во моментов се чуствуваат добро, ги посетивме им предадовме подароци, во име на градоначалникот, на Општа болница Куманово, и им посакавме да имаат добро здравје, многу среќа, радости во животот, изјави Снежана Захариева, директор на кумановската болница.
Фактот дека првото бебе во најголемата општина во државата се роди на вториот ден од Новата година, е показател дека наталитетот е во опаѓање.
– На ниво на цела држава постои една тенденција на опаѓање на број на раѓања, така да и ние сме дел од сето тоа, па ако некогаш сме имале и преку 1.000 раѓања годишно, сега бројот се намалува, како што се намалува и бројот на жители, вели директорката Захариева.
Како што информираше доктор Лидија Јовчевска, раководител на гинеколошко-акушерското одделение, лани имало 933 бебиња во Куманово.
– Трендот е во помал број на пордувања во целата држава, од 22.000 пред две години се паднати нешто над 19.000 во 2021 година, тоа е тренд во целиот свет, па и во нашата држава. Јас сум овде повеќе од 30 години, ова е прво бебе родено на 2 јануари, вели др. Јовчевска, која додава дека некогаш имало и по 1.800 раѓања во болницата.
Инаку, првиот жител за 2022 година на подарок од Општина Куманово доби штедна книшка во износ од една просечна плата, како и златен синџир со привезок од болницата.
Никола Ивановски