Православните верници од Куманово денеска ги посетија црквите во чест на празникот Свети Никола.
Најмасовно беше во Соборниот храм кој го носи името на овој светец.
Православните верници утрово ја проследија литургијата во црквите, пресекоа славски колач, се помолија за здравје и благосостојба на најблиските.
– Во нашите домови на денешен ден прво се принесуваат лебот, пченицата и виното, а гостите се пречекуваат со зборовите „Вечна слава“. Не треба да се разговора за дневна политика, не треба да има расправии, туку радост, изјави свештеникот Игор Здравковски од кумановско-осоговската епархија.
Свети Никола се смета за чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците. Тој е еден од најпочитуваните светци.
Извор: МИА