Куманово е подготвено за зимското одржување на улиците

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска ја посети компанијата задолжената за зимско одржување на улиците во градот која по претходно добиената тендерска постапка сезонава ќе има задача да ги одржува коловозите проодни при врнежи од снег.

Како што истакна Димитриевски, компанијата има доволно возила за чистење снег и локалната самоуправа е подготвена да реагира во случај на снежни наноси.

– Гледам дека се работи за високи професионалци, имаат големи количини на сол обезбедено и верувам дека можеме да се справиме со секој предизвик. Секако доколку дојде до паѓање на поголеми количини на снег, граѓаните активно да се вклучат во чистење на снегот, особено на оние трговски објекти во централно градско подрачје, бидејќи општината нема обврска да ги чисти јавните прометни површини пред дуќаните и трговските единици во градот, иако се создаде една навика најголем дел на истите не ги одржуваат тие површини, но секако ќе ја следиме работата и сме подготвени како општина заедно со изведувачите, подизведувачите, да реагираме се со цел да имаме почист и попрооден град во случај на снежни наноси, изјави Димитриевски.

Најповолна фирма изведувач е „КООП Инжинеринг“ која има и подизведувачи, информираше денеска градоначалникот Димитриевски.

Во расчистување на јавните прометни површини ќе биде вклучено и Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кое од општината има добиено пет милиони денари за оваа обврска.

– ЈП „Чистота и зеленило“ и оваа година според програмата на Општина Куманово е воведена во програмата за зимско одржување на јавни прометни површини, се однесува на тротоарите во централното градско подрачје, одржување на плоштадите, парковите, како и на градскиот кеј. За оваа работа имаме подготвено доволно ресурси, доволен број луѓе и очекуваме работата да си ја завршиме како што треба, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

За разлика од минатите години кога две фирми беа задолжени за одржување на двете зони во градот во зимски услови, оваа година тоа ќе го врши само компанијата „КООП Инжинеринг“ која од локалната самоуправа ќе добие 8,9 милиони денари.

Leave a Reply