Кадетките на женскиот ракометен клуб Куманово утре ќе бидат домаќини на фајнл 4 турнирот кој ќе се одржи во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.
Вкупно четири екипи ќе бидат дел од спортската манифестација која ќе започне со натпреварот помеѓу Куманово и Стружанка во 10:30 часот. Два часа подоцна ќе се одигра средбата меѓу Вардар и Металург. Во 17:30 часот е закажан натпреварот за трето место, а финалето ќе се одржи со почеток во 19:30 часот.
Кумановки подготвени ќе ја пречекаат екипата од Струга, а деновиве активно се подготвуваат на тренинзите.
– Се разбира дека сме подготвени, како и секоја година учествуваме на овој фајл 4, сметаме дека сме поподготвени сега и се надевам на една добра игра, добро ангажирање од страна на играчите и сметам дека и резултатот нема да изостане. На високо ниво е атмосферата, сите се расположени, едвај чекаат да дојде натпреварот, да ги покажат своите знаења и умеења кои ги стекнале во текот на годините. Оваа генерација четири години по ред се пласира на Фајл фор натпреварите и зазема високи места, изјави Димитар Антевски тренер на ЖРК Куманово.
Пoдготовките течат во најдобар ред и ќе се трудиме да го достигнеме врвот на утрешниот куп, вели капитенот на екипата Мила Трајковиќ.
– Ќе се трудиме да го достигнеме врвот и да ја земеме титулата, што многу ќе ни значи и ќе ја крене мотивацијата во клубот на уште поголемо ниво. Одлично сме расположени сепак не можеме многу да се опуштаме, бидејќи сите екипи кои ќе учествуваат не се слаби, затоа што сепак ова е потежок турнир и се надеваме на најдоброто, ќе го дадеме максимумот, вели Кипријановиќ.
Мила Трајковиќ иако игра во категоријата кадети, сепак е повиката на пошиоркиот список на сениорската женска репрезентација на Македонија, заедно со Александра Боризовска и Јована Кипријановска.