Ракометарките на Куманово ги загубија двете пријателски средби со грчки Паок.
Интернационалниот состав на Паок кој има ракометарки од Словенија, Норвешка, Грција, Македонија и Бразил се покажа како подобар во пријателските натпревари.
Во натпреварот кој денеска се одигра во спортската сала на ООУ „Христијан Карпош“ кумановки имаа солидна игра и на на полувреме се замина со негатива од само четири гола разлика, односно резултат 10:14. Сепак вториот дел од средбата мина во знакот на доминантната игра на ракометарките од грчкиот состав, кои резултатски се одлепија од противникот и натпреварот го добија со 21:29.
Во најдобро издание од избраничките на тренерот Зоран Јосимовски се покажа капитенот Викторија Пеовска со пет реализирани погодоци, а зад неа со по три голови мечот го завршија и Маја Трповска, Мила Трајковиќ, Александра Боризовска и Сања Дабевска.
И во вчерашниот прв натпревар, ЖРК Куманово забележа пораз со резултат 22:25.
Од управата на кумановскиот клуб потенцираат дека соработката со Паок ќе се продлабочува и во иднина, а дека ова е одличен тест за да се убивидат недостатоците на кои ќе се работи во претстојниот период во кој следуваат натпреварите од домашниот шампионат, но и настапите на ЕХФ Челинџ Купот.