Шеесет и четиригодишен кумановец вчера попладне загинал во сообраќајка на патот Клечовце – Шупли камен, откако му се слошило и изгубил свест додека возел.
– На 22.03.2026 околу 17:00 часот во СВР Куманово е пријавено дека на локален пат село Клечовце- село Шупљи Камен, на место викано „Кантон“, патничко моторно возило „даеву тико“ со кумановски регистарски, управувано од М.Д.(64) од Куманово, излетало од патот, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Притоа, лекар од Итна медицинска помош кај возачот М.Д. констатирал смрт, додека кај сопатничката Л.Д.(57) биле констатирани телесни повреди во Општа болница Куманово.
Според изјавата на сопатничката , на М.Д. му се слошило и изгубил свест пред да се случи несреќата.
– По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција, информираат од полицијата.
Увид извршила увидна екипа од СВР Куманово.
Во извлекување на телото на починатиот од возилото учествувале и петмина пожарникари на ТППЕ Куманово.
Никола Ивановски

