Кумановец остана без 10.000 евра. Нова жртва на измамите со лажни сообраќајки

Сподели со своите пријатели

Седумдесет и седумгодишник останал без 10.000 евра обидувајќи се да ја спаси својата внука од сообраќајка, која воопшто не се ни случила.

Тој е само еден во низата возрасни државјани на Македонија кои постојано наседнуваат на измамите со лажни сообраќајни несреќи.

– На 19.09.2025 во 21:00 часот во СВР Скопје 77-годишен маж од кумановско пријавил дека истиот ден на фиксниот телефон му се јавило лице кое му се претставило како полициски службеник и му рекло дека неговата внука предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете кое починало, а неговата внука била повредена и се наоѓала во болница во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кампања против семејно насилство во Куманово

Како што додаваат од МВР, потоа му рекло дека доколку не сака таа да оди во затвор, морало да донесе пари во Скопје.

Пријавителот дошол во Скопје и, како што му било кажано од лицето, ја оставил торбата во која имало околу 10.000 евра во канта за отпадоци кај клупите во близина на Жена парк.

Подоцна, пријавителот сфатил дека бил измамен односно дека немало никаква сообраќајна несреќа.

– Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од полицијата.

Никола Ивановски