Граѓаните на Куманово долго време немаа можност да знаат за квалитетот на воздухот во градот, но откако Министерството за животна средина и просторно планирање ја стави во функција мерната станица, истата покажа погубни и застрашувачки резултати.
Граѓаните на Куманово изминатите неколку денови го дишат најзагадениот воздух во државата. Според податоците од мерните станици во изминатото деноноќие присуството на ПМ-10 честичките во воздухот над кумановско изнесуваше над 700 микрограми на метар кубен, што претставува голема опасност за респираторното здравје на кумановци.
Максималната дозволена граница на честичките е 50 микрограми, а Куманово веќе пет дена е на самиот врв со загаден воздух 15 пати над дозволеното, при што се препорачува градот да воведе мерки од Тип 1, а на сите граѓани од Министерството за здравсто им се препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација, како што се децата, старите лица, болни од хронични болести на белодробен и срцев садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, но и за лицата кои својот работен ангажман го обавуваат на отворен простор.
Како главни причини за загадувањето и оваа година се нагласува проблемот со затоплувањето на дрва, дизел моторите на старите автомобили, палење отпад и пластика за затоплување, но и оџаците од фабриките.
Надлежните институции немаат конкретен одговор за тоа како може да се намали загадувањето, но во тек е изработка на елаборат за влијанието на сообраќајот и огревното дрво од индивидуалните домаќинска во загадувањето на воздухот во државата. Со цел да се намали аеро-загадувањето се препорачува користење на јавниот превоз, наместо лични возила, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков друг вид на синтетички материјал, а печките за дрва да се користат правилно.
За разлика од Скопје каде надлежните планираат и оваа година да продолжи прскањето на улиците со калциум магнезиум ацетат, а се даваат и субвенции за набавка на шечки на пилети, од надлежните во Куманово засега нема најава за било какви мерки против овој проблем.
Освен во Куманово високо загадување е регистрирано и во скопската населба Лисиче, но и Битола, Тетово и Кичево.