Кумановци вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ја проследија балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.
Станува збор за претстава во продукција на Македонската опера и балет, која по премиерното изведување пред една година направи голем успех, за што доби и „Златна бубамара на популарноста“.
Балетските играчи изведоа претстава во која демонстрираат неверојатна спремност и прецизност, претставувајќи го македонскиот балет како едно од најзначајните места во кои се создава македонската култура во мигов.
Балетската игра во оваа претстава изведена е преку соло делници, дуети, триа, квартети и групни игри во кои играчите, секој од својата азбука на ликот, презентира оригинален карактер – секој од својот аспект на љубовта која е централна тема на оваа претстава.
На големата сцена на НУЦК „Трајко Прокопиев“ играа: Александра Мијалкова како Олга Коклова, Мими Поп-Алексова како Дора Маар, Ивана Коцевска,Саша Евтимова,Христина Наќевска/Билјана Басмаџиева-Ковачевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лоцеј, Агим Бафтии/Игор Веланоски и Ендру Кук.
Музиката е на Калиопи Букле, кореографка и режисерка е Олга Панго, либретист и драматург Сашо Димоски и костимограф Раде Василев.
Текст/фото: Никола Ивановски